Благ пораст од околу осум милиони евра регистрирале во февруари девизните резерви на земјава, со што е прекинат трендот на нивно намалување кој се забележуваше неколку месеци наназад. Но, со вкупен износ од околу 1,99 милијарди евра, тие се и натаму пониски во споредба со нивото од пред една година, кога всушност беа во најдобра кондиција. Односно, во споредба со февруари минатата година кога изнесувале 2,24 милијарди евра, девизните резерви во вториот месец од годинава се намалени за 257 милиони евра. Од централната банка велат дека движењето на девизните резерви од почетокот на годинава било очекувано и во рамки на нивните проекции, како и дека намалувањето не е загрижувачко, бидејќи и сегашното ниво на девизи со кои располага државата е доволно и комфорно за да одговори на какви било непредвидливи шокови.
Благ пораст од околу осум милиони евра регистрирале во февруари девизните резерви на земјава, со што е прекинат трендот на нивно намалување кој се забележуваше неколку месеци наназад. Но, со вкупен износ од околу 1,99 милијарди евра, тие се и натаму пониски во споредба со нивото од пред една година, кога всушност беа во најдобра кондиција.
Односно, во споредба со февруари минатата година кога изнесувале 2,24 милијарди евра, девизните резерви во вториот месец од годинава се намалени за 257 милиони евра.
Од централната банка велат дека движењето на девизните резерви од почетокот на годинава било очекувано и во рамки на нивните проекции, како и дека намалувањето не е загрижувачко, бидејќи и сегашното ниво на девизи со кои располага државата е доволно и комфорно за да одговори на какви било непредвидливи шокови.
Девизните резерви на земјава имаа највисоко ниво во јануари лани, а оттогаш наваму главно одат по надолна линија, спуштајќи се на крајот на минатата година за прв пат по подолг период под две милијарди евра.
Во последниот квартален извештај на Народна банка на Македонија, објавен во јануари, се вели дека намалувањето на девизните резерви во најголем дел се должи на негативните ценовни промени и валутни разлики, на одливите врз основа на трансакциите за сметка на државата, како и на намалувањето на девизните депозити на банките кај НБМ. „Најголем дел од намалувањето се должи на цената на златото. Како што во претходните години резервите растеа и како резултат на цената на златото, така во минатата година се намалија“, објаснуваат од НБМ.
Во него се додава и дека поволните остварувања на македонската економија упатуваат на растечка проектирана патека на девизните резерви за периодот 2014-2015 година, со задржување на адекватноста на резервите на соодветно и комфорно ниво за апсорбирање на потенцијални непредвидени шокови. „И во следниот двегодишен период се очекува дека изворите за покривање на потребите за надворешно финансирање ќе бидат задолжувањето и директните инвестиции, во обем доволен за дополнителен раст на резервите“, се наведува во извештајот на НБМ.
Македонија најголем дел од своите девизни резерви ги чува во странски хартии од вредност, кои на крајот на февруари се на ниво од околу 1,63 милијарди евра. Таму всушност има и најзначајно намалување за една година, за 182 милиони евра. Во валути и депозити се држат околу 130 милиона евра. Во монетарно злато, пак, земјава на крајот на февруари држела девизни резерви во вредност од 212 милиони евра, а за една година намалувањето е за 53 милиони.
Гувернерот Димитар Богов неодамна изјави дека очекува да продолжат поволните движења на девизниот пазар. „Тоа ќе ни овозможи одржување на стабилниот курс на денарот во однос на еврото, без потреба од позначајни интервенции“, рече Богов.
ММФ во својот последен извештај, објавен кон крајот на февруари, укажува и на намалувањето на девизните резерви. „Значителните негативни ефекти на цените, кои влијаат на златото и на странските хартии од вредност, доведоа до ерозија на девизните резерви за околу 200 милиони евра од крајот на 2012. Сепак, со повеќе од 25 отсто од БДП, состојбата на девизните резерви обезбедува значителна амортизација и можност за адекватни отплати“, констатирале од Фондот.